Пребарување
 



Атмосферската вода и водата од подземните текови понира во внатрешноста на варовничките маси, низ многубројните пукнатини и има силна корозивна (растворувачка) улога. Растворувајќи ги пукнатините, водата создава просторни подземни шуплини - канали, ходници, галерии и дворани. На овој начин настануваат карстните облици (јами и пештери).




  • Пропасти (Јами) се вертикални шуплини во подземјето, со отвор на површината на теренот. Во зависност од формата на каналот пропастите се делат на бунарести, инчести, ѕвонести, ѕвекари, скалести и бездни. Според начинот на настанување пропастите се делат на корозивни (карстни), понорски, сифонски, тектонски и сурнати пропасти. Според составот пропастите се делат на суви, водени, снежни, мразни и кристални.
  •  




  • Пештерите се подземни шуплини во кои не допира или незначително допира дневна светлина со претежно хоризонтално протегање во внатрешноста на карбонатните терени. Настануваат со комбинирано дејство на механичката и хемиската ерозија на подземните водни текови кои денес или некогаш протекувале низ нив и се состојат од пештерски канали и сали. На таваниците во пештерските канали или сали често се среќаваат вертикални канали - оџаци кои во висина се стеснуваат и завршуваат. Во зависност од тоа дали во нив постои речен тек се делат на суви (фосилни) и речни (активни) пештери. Со процесот на рушење на таваниците пештерите постепено се уништуваат и како завршна фаза во еволуцијата на речните пештери остануваат прерасти – лаковидни делови во вид на природни мостови и прозорци – заостанати делови од пештерските канали при целосно уништување на пештерите.
  •  



Спелеологијата
претставува наука која се занима со проучување на подземниот карстен релјеф со сите негови карактеристики. Таа е комплексна, интердициплинарна наука, која во доменот на својот научен интерес обединува ела низа на посебни дисциплини:

  • Спелеоморфологија – го проучува постанокот и еволуцијата на подземните карстни форми,
  • Спелеохидрологија – ја проучува подземната хидрографија на карстот,
  • Спелеоклиматологија – ги проучува микроклиматските карактеристики на подземните карстни форми,
  • Биоспелеологија – го проучува растителниот и животинскиот свет во подземните карстни форми,
  • Спелеоархеологија – ги проучува трагите од човековиот престој во подземните карстни форми,
  • Спелеогеологија – ги проучува пештерските седименти.
  •  



Kарбонатните карпи, кои се основа за формирање на пештери и пропасти, на територијата на Македонија зафаќаат мал простор.
Карстот зафаќа површина од 2440 m2, (Андоновски 1981:207), 9,6% од нејзината територија. Карстните области ги зафаќаат териториите на општините Богомила, Вевчани, Велес, Витолишта, Вранештица, Гевгелија, Дебар, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Долна Бањица, Долнени, Другово, Извор, Охрид, Кавадарци, Кичево, Конопиште, Љубаниште, Луково, Маврови Анови, Македонски Брод, Неготино, Прилеп, Ресен, Росоман, Ростуше, Сарај, Самоков, Сопиште, Сопотноца, Старавина, Струга, Чашка и Штип. Според податоците, во научната и стручната литература досега се регистрирани и проучени 197 подземни карстни форми (164 пештери и 33 пропасти - јами), иако нивниот број може да се претпостави дека изнесува околу 400 – 500 (Колчаковски 1989:143). Од проучувањата, најбројни се геоморфолошките со кои се опфатени 157 подземни карстни форми. За 73 од нив објавени се планови или профили, a ce прикажани и 46 фотографии. 





Како основен приод во категоризацијата на пештерите земени се нивните природни особености. Од природните компоненти со помош на бројни вредности анализирани се следните показатели:

  • Локација на пештерите - пристапност, 
  • Должина на пештерите,
  • Морфологија на пештерските канали,

 

 

  • Хидрографски особености - пештерска река, езерца и травертински басенчиња исполнети со вода,
  • Пештерски украси - сталактити, сталагмити, пештерски столбови, пештерски сливови, пештерски корали, драперии, пештерски бисери, траверински басенчиња, пештерско млеко,
  • Рецентна фауна
  • Палеонтолошки наоди, наоѓалиште на фосилна фауна.



Според природните компоненти, со помош на бројни вредности пештeрите во Македонија поделени се во четири групи:

  • Пештери природни реткости - Убавица, Слатински Извор, Бела Вода, Алилица и Дона Дука,
  • Особено значајни пештери - Макаровец I, Над Врело и Јаорец
  • Значајни пештери - Калина Дупка, Драчевска Пештера, Арамиска Пештера, Симка, Самоска Дупка, Христијанова Пештера, Вевичански Извори и Пешна


 

  • Забележителни пештери - Врело, Крштална, Слатинска Пештера I, Орле, Горен Змеовец, Коњска Дупка, Алена, Лескоечка Пештера и Дамјаница
  • во согласност со Законот за заштита на природните реткости, донесени се одлуки за заштита на пештерите Убава, Ѓоновица, Горна Слатинска, Крушје и Млечник,
  • Слатински извор од 24/06/2004 г. е на Привремена листа на светско природно наследство,
  • Туристички пештери, Врело- Матка - Скопје, Шаркова дупка- национален парк Маврово, Саматска дупка – национален парк Галичица.



Спелеолошките истражувања
започнале уште во далечното минато, кога човекот пештерите ги користел како живеалишта во кои оставил траги од својата култура. Кај нас почетоците на спелеолошките проучувања датираат од времето меѓу двете светски војни. Од пештерата Мечкина Дупка кај Охрид го имаме првиот научен податок за пештерската фауна. Опишувајќи ја карстната долина помеѓу Брезница и Јаболце во западниот раб на Скопската Котлина, Цвијиќ (1906) изнесува првични сознанија за карстот на територијата на Република Македонија. Почетоците на спелеолошките истражувања и истражувачката дејност ја започнуваат: Петар С. Јовановиќ (1893 - 1957), Станко Л. Караман (1889 - 1959), Војислав С. Радовановиќ (1894 -1957) и др. Географското друштво  во 1955 г. започнува организирана спелеолошка активност. Во тој поглед најголем придонес имаат: Душан Манаковиќ (1924), Ристо Гаревски (1922) и Трајан Петковски (1929). Во подоцнежниот период на спелеолошките истражувања активно се посветуваат: Станко Станкоски (1936 - 1989), Томе Андоновски (1940) и Драган Колчаковски (1958). Во овој поглед, до втора светска војна се истражени 14 пештери и 6 пропасти. Спелеологијата особено доаѓа до израз со формирањето на првото Спелеолошко друштво на Македонија на 6 април 1958 г. Првиот претседател на спелеолошко друштво, се д-р Зора Караман и д-р Душан Манаковиќ. Носител на овој развој, во последните дваесетина години е Спелеолошката Федерација на Македонија.




Како резултат на потребите од познавање на разни техники за совладување на спелеолошките објекти и се почестата посета на пештерите и пропастите спелеологијата покрај научниот добива и спортски  и туристички карактер.


 

 
Последни Вести
Активности:

Пријавете се за
newsletter:
испрати
Macedonia Tourism