Пребарување

Во Македонија првите палеолитски наоди се случајни. При палеонтолошките сондирања во 1955/65 г. во средниот дел на Македонија во пештерата Макаровец кај Велес, се откриени пет артефакти несигурно определени во горен палеолит. Токму овој локалитет преставува репер во идните први археолошки рекогносцирања насочени кон палеолитот. Во 1998 г. западно од Вардар во клисурата Пешти по течението на реката Бабуна кај Велес е извршена проспекција на десет пештери и подкарпи, а за потенцијални преисториски живеалишта се издвоени две локации кои треба да се сондираат. Во 1999 г. следат втори рекогносцирања во средниот дел на Западна Македонија во регионот Порече. Евидентирани се 19 пештери и подкарпи по течението на реката Треска. Во пештерата Голема Пешт кај с. Здуње е извршено пробно сондирање, при што се потврдени 12 геолошки слоеви, откриени се 236 артефакти, од кои 26 се орудија со отсуство на типични и карактеристични белези за определување во одредена култура или фациес. Доминантна суровина е кварц и кварцит, а помалку е застапен кременот. Општина Чашка поседува атрактивни особено интересна за спелеолозите пештера Дамјаница.


ПЕШТЕРА МАКАРОВЕЦ ВЕЛЕС се наоѓа во клисурата Пешти, од десната долинска страна на реката Бабуна. Изградена е од сплет на повеќе канали (Манаковиќ 1966: 109-111), со вкупна должина од 310 метри (Андоновски 1981: 211). При палеонтолошките сондирања во 1955/65 г. во пештерата се откриени пет артефакти несигурно определени во горен палеолит, како и горноплеистоценска фауна потврдена со фосилни остатоци од пештерни мечки (Ursus spelaeus), хиени (Crocuta crocuta spelae), лав (Panthera leo spelaea), козорог (Capra ibex), волк (Vulpes vulpes), лисица (Canis lupus), коњ (Equus caballus), магаре (Equus hydruntinus). Пештерата е сиромашна со пештерски украси, a во нејзиниот краен североисточен дел, под отсек висок 8 метри, се наоѓа пештерско езеро. Пештерата Макаровец особено е значајна по богатото наоѓалиште на фосилна фауна (Гаревски 1969, Garevski & Malez 1984).



ПЕШТЕРА ГОЛЕМА ПЕШТ ЗДУЊЕ Местоположбата на пештерата овозможува многу добра прегледност на околината, а особено кон долината на некогашната река Треска. Се наоѓа на 460 метри надморска височина и на 62 метри над релативната висина на тогашното ниво на оваа река. Со изградбата на хидроцентралата и со полнењето на езерото Козјак, пештерета денес се наоѓа на 10 м. над водата и сериозно е загрозена од големото присаство на влага. Во 1999 г. е извршено пробно сондирање а од лабораторијата на Институтот за физика во Ерланген, Нирнберг (каде беа испратени два примерока од јаглен) констатирано е дека пештерата била населена и пред 50.000 п.н.е. Камените и коскените артефакти укажуваат на присуство на луѓе од времето кога се уште немало изработки и употреба на керамика (глина). Кварцот бил главна суровина која била употребувана за изработка на алатките. На простор од 6 м2 на длабочина од 70 см се откриени 6000 камени артефакти и 4900 наоди од животински коски. Најголем број остатоци потекнуваат од елени, а во помал број од: алпски козорог, дива свиња, пештерна хиена, мечка, дабар, птици, желка...


ПЕШТЕРА ДАМЈАНИЦА ЧАШКА Сe наоѓа во изворишниот дел на реката Бабуна, на надморска височина од 1.580 м (Манаковиќ 1966: 112). Се состои од еден доминантен канал изграден вдолж дијаклаза, со должина од 88 м, кој на крајот завршува со долгнавеста галерија. Во пештерата, особено во нејзиниот краен дел се забележуваат сталактити и саливи.




ПЕШТЕРА ЈАОРЕЦ ДЕБАРЦА се наоѓа околу 3,5 км воздушна линија источно од селото Велмеј, десно од Јаоречка Река, во подножје на Илинска Планина. Вкупната должина на пештерата изнесува 76 метри. Таа е речиси без пештерски украси, a во хидрографски поглед потполно сува пештера. Во пештерата Јаорец вршени се систематски палеонтолошки истражувања, при што во нејзините плеистоцени (Wurm) пластови се пронајдени остатоци од 30 примероци  на пештерска мечка (Гаревски 1970. Garevski 1987/88)со временска припадност на горниот плеистоцен и засолниште од палеолитското време. Пештерата била населена од палеолитски ловци, а подоцна, во другите археолошки периоди, била користена како засолниште. Ова последново е констатирано врз основа на подебелите слоеви од пепел и фрагментирана керамика.

 
Последни Вести
Активности:

Пријавете се за
newsletter:
испрати
Macedonia Tourism